E-Маркетинг анализи

Кога се дискутира околу разликата што големите бренд огласувачи трошат за маркетинг офлајн, споредено со трошењето за маркетинг онлајн скоро секогаш се донесува заклучок дека при онлајн рекламирањето нема едноставни унифицирани мерни единици при мерењето на пенетрацијата на една онлајн реклама, како што е случај со ТВ рејтинзите при мерењето на успешноста на ТВ рекламите.
Што треба да се промени за да се зголеми довербата како и вложување во маркетинг онлајн кај големите огласувачи?
Разгледувајќи го овој проблем Бирото за интерактивен маркетинг(IAB) донесе нова листа на 5 основни принципи на дигитално мерење. Иако ова некои го гледаат како презаситување од донесување основи во индустријата за онлајн маркетинг, сепак нештата не би се измениле веднаш. Основите за мерење кои ги предлага БИМ, реално би биле имплементирани после 6 месеци или една година бидејќи за имплементирањето на принципите треба да се залагаат сите учесници во индустријата за онлајн маркетинг, од агенции за истражување, веб медиуми, маркетинг агенции и останатите учесници во индустријата. Покрај ова големите агенции за мерење на интернет посетители како Комскор(comScore) и Нилсен (Nielsen) одат се поблиску во етаблирањето на основниот комплет на статистики и рејтинзи како за онлајн така и за офлајн публиката.
Земајќи го во предвид фактот дека онлајн рекламирањето е далеку покомплексно од рекламирањето на традиционалните медиуми бидејќи огласувачите, агенциите и веб издавачите се сеуште насочени кон традиционалните модели на купување и продавање простор во веб медиумите, овие принципи се насочени кон вистинската насока и ја следат еволуцијата на пазарот за онлајн реклами.

Принцип 1. – Пренасочување кон стандард на Видени прикажувања/импресии (Viewable Impressions)
Која е успешноста на некоја реклама ако е поставена за одредено време на некој сајт доколку тој сајт не нуди број на видени импресии? За разлика од традиционалните медиуми како ТВ и Радио, интернетот ја нуди можноста да измери колку пати некоја реклама е видена. Токму затоа БИМ предлага стандардот за видени прикажувања секој сајт да го нуди како дел од статистиките за мерливост на успешноста на рекламите.

Принцип 2. – Онлајн рекламирањето треба да основа ценовник основан врз прикажувања/импресии врз одредена публика или таргет група, а не вкупни прикажувања/импресии
Огласувачите многу често имаат потреба да и пристапат на одредена целна група односно да „купат“ публика а не наслови и категории. Со моменталните услови на пазарот, успешноста во пристапот до таргет групата е многу тежок за мерење. Идејата на овој принцип е дека, доколку огласувачите можат подобро да видат и измерат колку луѓе од нивната таргет група колку често ја виделе нивната реклама, огласувачите се повеќе ќе бидат наклонети и ќе вложуваат на онлајн реклами.

Принцип 3. – Бидејќи рекламните зони не се еднакви, индустријата мора да постави подобар систем за класификација на рекламните зони
Телевизијата ги има рекламите од 30 секунди, печатените медиуми ги имаат рекламите на целата страна на задната корица, додека интернет огласувањето има голем број на формати и типови на онлајн реклами што се збунувачки и неразбирливи за огласувачите. Подобар систем на класификација на онлајн форматите ќе придонесе за усвојување на најкористени формати и типови на реклами во онлајн рекламирањето.

Принцип 4. – Воспоставување мерливост на интерактивноста (која интерактивност е најбитна за огласувачите) на рекламите, со што огласувачите би можеле подобро да го измерат придонесот на онлајн рекламите во градењето на брендот
Моментално на пазарот за онлајн реклами постојат многу начини за мерливост на интерактивноста на одредени реклами. Меѓутоа тоа не значи дека овие начини на мерење на интерактивноста се битни за огласувачите. Единствен широко прифатен стандард за мерење на интерактивноста е кликот, додека не постојат стандарди за да се мери и спореди интерактивноста на рекламата поставена на повеќе сајтови.

Принцип 5. – Мерливоста на дигиталните медиуми мора да биде јасно споредена и интегрирана со другите медиуми
Се повеќе огласувачи бараат од маркетинг агенциите да ги срушат бариерите кои се поставени помеѓу традиционалните медиуми и дигиталните медиуми. Огласувачите сакаат да можат да отидат на едно место и да можат да купат простор за огласување низ сите платформи - и во традиционалните и во дигиталните медиуми. Потоа би имале можност да ги споредат резултатите од разните кампањи и да видат која кампања има најголем успешност и влијание врз брендот и продажбите.
Во Македонија иако интернет рекламирањето е својот почеток сепак поголемите веб медиуми ги следат форматите кои се препорачани од БИМ. Keep an eye секогаш ги прати светските трендови и на своите клиенти им нуди разни алатки за мерливост на успешноста на интернет кампањите.

Назад